Image24 Апр 2020

ИЗРАБОТКА НА БЕТОНСКИ БАЗЕНИ

Се почест е трендот на изработка на армирано бетонски базени за релаксација и рекреација. Па така, се изведуваат базени во различни големини и форми, отворени и покриени базени, со слатка или со солена вода, аква паркови, вештачки езера, фонтани.

Широката палета на производи на АДИНГ содржи и материјали за изработка на бетонски базени.

Откако ќе се утврди формата и големината на базенот, потребно е добро да се димензионира и изведе целата негова конструкција. Бетонската конструкција треба да биде димензионирана за две состојби на товарење – на празен и на полн базен.

Без разлика дали армирано бетонскиот базен е вкопан во земја или е изграден над нивото на земјата, потребно е да се обезбеди водонепропусност на бетонската конструкција со водонепропусен бетон и хидроизолационен систем кој ќе ги предвиди и осигура продорите од инсталации и пукнатини.

За да се обезбеди водонепропустливост на АБ конструкција, неопходно е бетонот да има затворена структура, која гарантира минимална апсорпција на вода во него. За таа цел бетонот мора да биде правилно вграден и негуван, да биде хомоген, без појава на пукнатини или сегрегации.

Основни предуслови за изработка на квалитетен бетон со високи водонепропустливи својства  се: правилен избор на материјалите за изработка на бетонот (агрегат, цемент и адитиви),  правилен избор на технологија на производство и вградување на бетонот и нега на свежиот бетон.

Со цел да се избегне појава на пукнатини, бетонирањето мора да се изврши континуирано без прекини. Прекинот на спојот на хоризонтала и вертикала се обработува со посебни производи – Детал 1. Прекините во бетонирањето треба да се предвидени поради статичкиот систем или динамика на бетонирање и услови на работа. Прекините на бетонирање го поскапуваат објектот поради посебните начини на обработка и претставуваат слаби точки во при експлоатација.

Кај базените со неправилна форма се користи прскан бетон со поситна гранулација, со додаток/адитив за брзо врзување и по потреба метални или синтетички фибри.

Вградениот бетон веднаш по зацврстувањето треба да се негува - во рок од неколку дена да се прска со вода и/или да биде покриен со материјал кој би ја задржал влагата (најлон, геотекстил, јута). Кај големи, отворени бетонски површини изложени на ветер, пожелно е бетонот да се заштити со прскање на специјализиран материјал за површинска заштита  – ЗАШТИТА Б3.

За производство на квалитетен бетон за базен, со високи перформанси и висок степен на водонепропустливост, препорачуваме истовремено користење на два типа адитиви од производната програма на АДИНГ: Пластификатор ФЛУИДИНГ во комбинација со адитив за водонепропустливост ХИДРОФОБ  Т или  за подобри резултати: Суперпластификатор СУПЕРФЛУИД 21 во комбинација со адитив за водонепропустливост ХИДРОФОБ 21.

При прекини на бетонирање и предвидени споеви како спојот на плочата /хоризонталa/и ѕидовите /вертикала/ потребно е да се направи посебна обработка /Детал бр. 1 /. Ова се слаби точки низ кои ќе продре вода и можно е оштетување на хидроизолацијата. Пред бетонирање на последователниот дел – ѕидовите, бетонот на спојот се премачкува со АДИНГПОКС Н и на него се поставува експандирачка трака  HYDROTITE. Овој начин на обработка ќе овозможи добра врска на новиот со стариот бетон, а во случај на појава на пукнатина и продирање на вода, експандирачката трака ќе го зачепи продорот. Со експандирачка трака HYDROTITE и АДИНГПОКС Н се обвиваат и цевките од инсталациите на местото каде продираат низ бетонот.

ДЕТАЛ “1” – Обработка на споеви и прекини на бетонирање со HYDROTITE

По бетонирањето /по 28дена/ се препорачува да се затворат продорите и да се направи пробно полнење на базенот. Пробното полнење и празнењето ќе го оптерети базенот по што може да се појават пукнатини. Потребно е тие да се санираат пред нанесување на хидроизолација на базенот. Пукнатините се санираат со АДИНГПОКС Н, а со него се обработуваат и холкерите – спојот на хоризонталата со вертикалите. За поголема сигурност или при појава на поголеми пукнатини, завршно над АДИНГПОКС Н се налепува гумена трака Proofmate FD Foil.

АДИНГПОКС Н е епоксидно лепило кое се користи за обработка на споеви, холкери, китирање на пукнатини и репарација кај бетонски, арм.бетонски и елементи од цементен малтер. Има одлична атхезија и на влажна подлога, водоотпорен е и водонепропусен. За исполна на пукнатини потребно е претходно пукнатината да се обработи со отварање по механички пат, така што ќе се формира шлиц со минимални димензии: ширина/длабочина = 1,0/2,0 см. Шлицот се чисти  од прашина и нечистотии и во така обработен и сув шлиц се вградува АДИНГПОКС Н. / Начинот на припрема и вградување детално е опишан во техничкиот проспект на производот/.

ДЕТАЛ “2” – Хидроизолација на базен

Експандирачки ленти HYDROTITE

ДЕТАЛ “3” – Вградување на експандирачка трака HYDROTITE 

Завршниот заштитен и декоративен слој на базенот може да биде изработен со боја за базени или плочки за базени. Бојата за базени е поедноставна и побрза варијанта за изведба, како и поефтина, но не е долговечна и треба да се обновува секоја сезона.  Плочките за базен се покомплексна варијанта за изведба на завршен слој на базен, исто така и поскапа, но долготрајна варијанта.

Во зависност од тоа дали завршниот заштитен и декоративен слој на базенот ќе биде изработен со боја за базен или плочки за базени, зависи и кој тип на хидроизолација ќе се нанесе:

 1. Ако завршниот заштитен и декоративен  слој на базенот е боја за базени АДИНГКОЛОР РБ, тогаш пред нанесување на овој завршен слој, се нанесува еднокомпонентна хидроизолација ХИДРОМАЛ.

ХИДРОМАЛ е еднокомпонентна хидроизолација на цементна основа која се нанесува во  3 слоја, со четка – глетарка - четка. Во првиот слој на ХИДРОМАЛ се додава полимерно средство ВРСКА У кое ќе даде подобра лепливост, подобра атхезија на хидроизолацијата за подлогата.  По нанесување и сушење на сите слоеви на ХИДРОМАЛ, површината завршно се премачкува со АДИНГКОЛОР РБ.

АДИНГКОЛОР РБ е еднокомпонентен премаз на база на синтетички смоли и растворувачи, кој има одлична атхезија со подлогата, е УВ стабилен и отпорен на хлор, разредени киселини и бази, раствори на соли и минерални масла.  Се нанесува во 2 слоја, со четка, валјак или машински со распрскување со безвоздушна (airless) пумпа, а базенот може да се користи после 7 дена од нанесување на последниот слој.  Долговечноста на завршниот премаз зависи од начинот на употреба и одржувањето. АДИНГКОЛОР РБ може да се чисти со машина со ротациони четки со детргенти разредени со вода и разредени киселини.

Поради хемискиот состав на водата завршниот слој во текот на сезоната на места може да ја промени бојата или на него да се задржат наслаги. И покрај тоа АДИНГКОЛОР РБ во голем дел ја задржува својата функција за хемиска заштита на бетонот од агресивноста на средствата за третман на водата.

2. Ако завршниот заштитен и декоративен слој на базенот се изведе со плочки за базен, тогаш пред лепење на плочките, се нанесува двокомпонентна хидроизолација ХИДРОМАЛ ФЛЕКС. ХИДРОМАЛ ФЛЕКС е еластична, двокомпонентна хидроизолација на цементна основа, која се нанесува во 2-3 слоја, со четка или валјак. Има одлична атхезија за подлогата од бетон, а може да се нанесе и на влажна подлога и притоа е нетоксична и бактериолошки отпорна хидроизолација. Откако ќе се нанесе и исуши и последниот слој од хидроизолацијата, се нанесува водонепропусен лепак за плочки ХИДРОКОЛ СП  на кој се лепат плочките за базен.

Долговечноста на базените зависи од начинот на одржување, нивно редовно чистење и по потреба  - задолжително обновување на оштетени делови.

Подготвила: Петровска Александра  дипл.инж.арх.